Лимфаденопатија e состојба на промена на лимфниот јазол во големина, број и/или конзистенција. Често е синоним на отечени или зголемени лимфни јазли. Може да биде резултат на примарна или секундарна манифестација на голем број заболувања. Често пати зголемените лимфни јазли се придружен симптом на заболување кое е манифестирано со јасна клиничка слика (како, на пр., фарингитис, целулитис и сл.). Во такви состојби причината за лимфаденопатијата е јасна и не се потребни натамошни иследувања. Сепак, препораките се дека секоја лимфаденопатија која постои без јасна причина повеќе од 2 недели е индикација за задолжително клиничко иследување.
Лимфаденопатија која е придружена со други т.н. Б-симптоми, како што се зголемена телесна температура, намален апетит, ноќно потење, губење телесна тежина, заслужува особено внимание поради сомнеж за малигна болест. Кај млади лица се случува да се дијагностицира лимфаденопатија во склоп на малигно заболување и при отсуство на конституционални симптоми. Сепак, не смееме да создадеме впечаток дека секоја лимфаденопатија е малигна. Повеќето здрави деца имаат палпабилни лимфни јазли на вратот, како резултат на инфективна болест. Децата почесто реагираат со лимфна хиперплазија, но кај лица на 30 годишна возраст лимфаденопатијата во 20% е резултат на малигна причина; додека кај постари од 50 години во 60% од случаите лимфаденопатијата е резултат на малигна причина.
1. Анамнеза и физикален преглед.
При земање на анамнеза, особено се обрнува внимание на присутните Б- симптоми и знаци на болеста. Физикалниот преглед е од големо значење. Лекарот може да ги напипа зголемените лимфни јазли кои се достапни за преглед. Истотака, со преглед на абдоменот може да се открие зголемен црн дроб или слезинка.
2. Лабораториски и микробиолошки иследувања.
Во рутински иследувања спаѓаат: крвна слика со диференцијална крвна слика, седиментација, CRP, фибриноген, LDH, протеински статус. Понекогаш корисно е да се направат и микробиолошки и вирусолошки анализи.
3. Тенко-иглена аспирациона биопсија на лимфен јазол.
Тенко-иглената аспирациона биопсија (анг. fine needle aspiration biopsy) на лимфен јазол е брза, безбедна, минимално инвазивна, евтина дијагностичка процедура со која се пунктираат мекоткивни тумори во различни делови на телото со помош на тенка игла под дејство на вакуум. Со оваа техника се овозможува да се добијат доволно клетки кои патологот ги проследува за цитолошка, односно микроскопска анализа. Може да се пунктира секоја палпабилна лезија со големина од 0,5 cm или повеќе. Овозможува брза и ориентациона дијагноза а со тоа ја намалува анксиозноста и чувството на исчекување кај пациентот. Овозможува непосредна тријажа за понатамошни специјални техники (како на пр. отворена „core” биопсија, имунохистохемија и сл.), планирање на понатамошен третман на секој пациент пооделно. Но, тенко-иглената аспирациона биопсија сама за себе не е доволна како дијагностичка алатка. Меѓутоа, нејзината употреба во комбинација со помошни техники, како ултразвук, може да овозможи прецизна аспирација од заболеното место, подобрувајќи го квалитетот на анализираниот примерок а со ова и значително да ја намалува потребата од инванзивни хируршки интервенции.
4. Хируршка биопсија на лимфен јазол.
Поради ограничувањата на тенко-иглената биопсија, сите сомнителни лимфни јазли треба да подлежат на хируршка екцизиона биопсија со цел поставување на точна хистопатолошка и имунохистохемиска дијагноза и класифицикација на болеста. Ова е хируршка техника со која се вади целиот лимфен јазол или дел од него. Кај пациентите со палпабилна периферна лимфаденопатија се изведува отворена екцизиона биопсија за да се земе интактен лимфен јазол. Самата техника на биопсија треба што помалку да го оштети лимфниот јазол за максимално да се направи патолошката анализа. Хируршката биопсија на лимфен јазол за сега останува најсигурниот начин за обезбедување ткиво за адекватна дијагноза.
Дефинитивната дијагноза на лимфомот не е можна без претходно хируршко вадење на дел или на целиот лимфен јазол, после што се прави хистолошка анализа на оперативниот материјал од страна на специјалист-патолог.
Хистопатолошко и имунохистохемиско испитување
Патолошката дијагноза понекогаш не е лесно да се постави без имунохистохемија односно имунофенотипизација. Ова подразбира специфична метода на откривање на поединечни молекули, врз основа на кои се добиваат информации за нејзиното потекло, типот, степенот на генетското оштетување, а кои се неопходни за поставување на дијагнозата.
5. Дополнителни иследувања - методи за визуелизација.
Рентгенграфија на бели дробови
Нативната снимка на бели дробови е значајна и едноставна метода со која се одредува локализацијата и карактеристиките на туморската маса и нејзината проширеност во околните ткива и органи. Рентгенграфијата на бели дробови е почетна и основна метода во поставување на дијагноза на малиген лимфом.
Компјутеризирана томографија на граден кош и абдомен
Компјутеризираната томографија (КТ) користи посебна опрема со рентген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода која дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.
Ехосонографија на абдомен
Преглед на абдоменот со помош на ехо дава приказ на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на тумори локализирани во црниот дроб, слезинката и лимфните јазли во абдоменот.
Позитрон емисиона томографија
Позитрон емисиона томографија (ПЕТ) е најспецифичната и најсензитивната молекуларна „имиџинг” техника во моментот. Таа е вреден инструмент во следење на малигните болести вклучувајќи ги и лимфомите. ПЕТ скенот има улога и во одредување на стадиумот на болеста и проценка на тераписки одговор кај лимфоми.