Лимфом претставува болест која е потенцијално опасна по живот и бележи константно зголемување на бројот на случаи. Постојат два вида на лимфоми - Хоџкин-ова лимфома и не-Хоџкин-ова лимфома. Симптомите на лимфом - особено лимфом од не-Хоџкин-ов облик (што е најчест тип на лимфом) може да бидат слични на симптомите на грип и туберкулоза, што често доведува до погрешна дијагноза. Симптомите вклучуваат намалена енергија, необјаснива треска, отечени жлезди, кашлица и гушење, постојано чешање по целото тело и намалување на телесната тежина. Наведените болести имаат слични симптоми, а разликата помеѓу нив може да се распознае микроскопски. Околу еден милион луѓе ширум светот живеат со лимфом и секој ден се дијагностицираат по речиси 1.000 нови случаи, но и покрај сето тоа свеста кај луѓето за симптомите на лимфомот е доста мала.
Резултатите од новите истражувања (анкети) спроведени на меѓународно ниво покажуваат дека:
- кога биле запрашани дали знаат нешто за лимфните јазли, само половина (49 отсто) од испитаниците изјавиле дека знаат која е нивната функција
- иако поголемиот дел од испитаниците слушнале за лимфом, 52 отсто од луѓето знаат многу малку или воопшто ништо не знаат во врска со него
- две третини (67 отсто) од испитаниците не знаеле дека лимфом е вид на рак и дека ја има една од најголемите стапки на пораст во светот
- 90 проценти од луѓето сметаат дека не се прават доволно напори т.е. дека недоволно се финансираат истражувањата за лимфом
Потребно е зголемување на свеста за лимфомот што ќе им овозможи на луѓето ширум светот подобро да ги препознаваат знаците и симптомите на болеста и ќе доведе до рано дијагностицирање и навремено лекување. Зголемувањето на свеста исто така ќе ги поттикне пациентите и нивните семејства да бараат специјалистички третман и нега од квалификувани доктори, како и да добијат пристап до најновите информации, поддршка и третман во врска со болеста.
Во развиениот свет, лимфомот можеби не е најчестата форма на рак, но е дефинитивно една од најважните. Тој претставува една од најчестите причини за смртност поврзана со рак во развиените земји. Лимфомот од не-Хоџкин-ов облик (non-Hodgkin lymphoma - NHL) е една од ретките форми на рак кои покажуваат нагорен тренд во бројот на случаи низ целиот свет. Третманите за лимфом имаат поминато низ огромен број промени во последните неколку децении. Биолошките третмани со моноклонални антитела имале најголемо влијание врз лимфомот отколку врз било која друга болест. Се повеќе и повеќе истражувања кои се вршат во оваа област поттикнуваат развој на се понови и понови опции за третман.
Лимфомот бележи нагорен тренд во бројот на случаи на глобално ниво. Лимфомот има стапка на појава која е повеќе од четири пати повисока од стапката на појава на рак на грлото на матката и убива повеќе луѓе отколку меланомот во некои земји. Одредени видови на лимфом можат да бидат фатални и во рок од шест месеци.
Лимфомот не прави дискриминација врз основа на полот, возраста или културата. Тој претставува еден вид рак на крвта што се развива кога ќе се јави грешка во производството на лимфоцитите - бели крвни клетки кои се одговорни за борба против инфекции, што резултира со абнормални клетки кои стануваат канцерски. Сепак, откривањето на болеста не мора да значи дека исходот ќе биде фатален, всушност дури и агресивниот не-Хоџкин-ов облик на лимфом може да се излечи.
Автор: Др.Дарко Стојановски-медицински советник во ХЕМА