Карциноми во детството

Детските облици на рак се малигни заболувања кои ги погодуваат децата со возраст под 18 години.


Опис на ракот кај децата

Ракот кај децата се разликува од ракот кај возрасните на неколку начини. Најважната разлика е во тоа што кај децата генерално ракот има подобра прогноза отколку кај возрасните. Две третини од децата на кои им е дијагностициран рак се излекуваат од болеста. Сепак и покрај огромниот напредок во лекувањето на ракот кај децата од 1960-ите, тој е втората најчеста причина за смрт кај децата постари од една година, со тоа што несреќите се причината број еден.

Друга разлика меѓу ракот кај децата и оној кај возрасните е во однос на клетките од кои ракот потекнува. Многу видови на рак кај возрасните започнуваат во одредени органи, како што се белите дробови, градите или дебелото црево. Ракот кај децата, освен леукемиите и туморите на мозокот, често се јавуваат во сврзните ткива, како што се коските и мускулите.

Ракот кај децата е често поагресивен отколку оној кај возрасните. Тој расте побрзо и често метастазира во други делови на телото или во поголемите органи до моментот додека биде дијагностициран. Токму затоа малку е веројатно дека дете заболено од рак може да се излечи само со хирургија. Сепак, ракот кој се јавува кај децата има тенденција повеќе да реагира на хемотерапија и зрачење отколку оној кај возрасните.

Средната возраст на децата во моментот на дијагностицирање на рак е шест години; за возрасни таа е 67 години. Повеќето деца кои имаат рак се здрави, додека многу возрасни имаат одредени здравствени проблеми, како на пример срцеви заболувања, кои го прават нивниот третман и закрепнување потешко. Друга важна разлика е тоа што постојат скрининг тестови (тестови за дијагностицирање) на одредени облици на рак кај возрасните, како на пример мамографиите за откривање на рак на дојка или ПАП тестови за откривање на рак на матката. Од друга страна не постојат корисни скрининг тестови за дијагностицирање на детски облици на рак. Прилично често дијагнозата се прави при рутински педијатриски посети. Исклучително важен фактор во подобрување на прогнозата на ракот кај децата е вклучувањето на поголемиот дел од децата со рак во истражувачки цели.
 

Демографија

Во САД секоја година се дијагностицираат околу 8.700 случаи на рак кај деца на возраст под 15 години. Дополнителни 2.000 - 3.000 случаи се дијагностицираат кај тинејџери над 15 години, но тие често се сметаат во групата со дијагнози кај возрасни лица. Истражувачите проценуваат дека едно на секои 333 деца ќе биде дијагностицирано со рак на возраст помала од 20 години. Леукемијата завзема 31% од случаите на рак кај децата, при што околу три четвртини од нив се акутна лимфобластна леукемија, додека преостанатата една четвртина воглавно е акутна миелоцитна леукемија. Типовите на рак на централниот нервен систем, кои најчесто се стават во ист кош со туморите на мозокот, се следната најголема група и сочинуваат уште 17%. Лимфомот, како Хоџкин-ов така и не-Хоџкин-ов облик, завзема 15 проценти од вкупниот број случаи на рак кај децата. Остатокот од дијагнозите се поделени на оние кои се нарекуваат солидни (цврсти) тумори, како што се невробластом, ретинобластом, Вилмс-ов тумор, рабдомиосарком и рак на коските. Овие статистички податоци се слични и во други делови од развиениот свет. Во Африка, најчестата форма на рак кај децата е Буркит-ов лимфом, кој е поврзан со Epstein-Barr вирусна инфекција. Стапката на преживување на децата со рак во САД изнесува приближно 80%.


Причини

Причините за повеќето видови на рак кај децата се непознати, но може да се препознаат одредени поврзаности. Ризикот од детска леукемија е зголемен кај децата со Даунов синдром, кај момчињата, кај белците и кај оние со повисок социоекономски статус. Изложеноста на зрачење во матката исто така го зголемува ризикот. Типовите на рак на централниот нервен систем исто така се почести кај момчињата, кај белците и кај оние кои веќе примиле радиотерапија за други типови на рак. Голем број на наследени и развојни состојби се поврзани со зголемен ризик за рак кај децата. Овде се вклучени неурофиброматозата, Блумов синдром, атаксија - телеангиектазија и туберозна склероза. Семејна историја на Хоџкин-ова болест ја зголемува веројатноста за појава на истата, а семејна историја на ретинобластом во двете очи дава 50% шанса децата да го носат истиот ген. Кај деведесет проценти од децата кои го носат генот болеста ќе се развие.


Третман

Третманите на рак кај децата зависат од конкретната болест, кои ткива се зафатени и колку ракот се има проширено во моментот на дијагностицирање.
 
Автор: Др.Дарко Стојановски-медицински советник во ХЕМА

Поврзани вести

Категории

Пребарување

Најнови вести

Тагови

Популарни вести

Архива на вести