Генетско тестирање

Генетско тестирање е процес кој вклучува испитување на генетскиот материјал на поединци за присуство на некаква промена која укажува зошто тие можеби развиле некаква болест или нарушување. Генетското тестирање исто така може да покаже дали пациентот има зголемен ризик за развој на некаква болест (како на пример рак) во иднина, иако тековно нема никакви симптоми поврзани со таа болест.

Опис

Генетското тестирање обично се прави со земање на примерок од крвта на лицето. Промените во генетскиот материјал кои може да бидат откриени со ваков вид на тестирање се разликуваат во големина. Понекогаш делови, дури и цели хромозоми може да бидат изменети или пак целосно да недостасуваат. Во други случаи присутна е мутација на некој ген која предизвикува тој да биде нефункционален. Еден тип на мутација е познат како наследна мутација. Наследните мутации исто така може да се наречат и гаметни мутации, бидејќи мутацијата се наоѓа во сите клетки од телото на едно лице, вклучувајќи ги и репродуктивните клетки - сперматозоидите кај мажите и јајце-клетките кај жените. Токму ова е причината зошто наследните мутации всушност и се наследуваат, т.е. се пренесуваат од родител на дете. Генетското тестирање често го бара присуството или отсуството на ваквиот тип на мутации на гените.

Гените и ракот

Ракот се дефинира како клетка која неконтролирано расте и последователно врши инвазија т.е. ги напаѓа соседните клетки и ткива. Постојат неколку чекори кои се вклучени во процесот кој предизвикува нормалните клетки да станат малигни (канцерни). Се верува дека различни гени играат одредена улога во овој посебен процес. Онкогените вообичаено го промовираат т.е. поттикнуваат клеточниот раст. Меѓутоа, доколку се премногу изразени или мутирани, може да предизвикаат да се појави рак. Тумор - супресорните гени (гени кои го потиснуваат туморот) кога работат правилно спречуваат клетките да растат премногу бргу или надвор од контрола.

Доколку овие гени не можат да ја вршат нивната функција поради присуство на мутации, клетките може да растат надвор од контрола и да станат канцерни. Конечно, ракот исто така може да биде предизвикан од дефектни ДНК гени за поправка. Овие клетки всушност ги корегираат најчестите грешки кои телото (организмот) ги прави како што ДНК се копира самата себе, процес што нормално се случува. Меѓутоа, доколку овие гени не можат да ги корегираат грешките, овие грешки може да се акумулираат и да доведат до рак. Многу е важно да се запамети дека иако сите видови на рак се генетски или предизвикани поради промена во гените, само мал дел од случаите на рак се наследни т.е. пренесени од родител на дете. Се смета дека само околу 5-10% од случаите на рак припаѓаат на оваа категорија и ова е јасен показател дека мнозинскиот дел од случаите на рак не се наследни. Повеќето видови на рак се должат на други причини, како на пример изложеноста на животната средина. Вообичаено многу е тешко да се одреди точната причина за појавата на рак кој не е познат да е резултат на променет ген.

Идентификување ризични поединци и семејства за наследен рак

Иако научниците имаат идентификувано генетски тестови за најчестите облици на рак како на пример рак на дојка или рак на дебелото црево, генетското тестирање не е опција која треба да се понуди на сите луѓе со рак, па дури и на оние кои можеби имаат случаи на рак во нивните семејства. Ова примарно се должи на фактот што ракот во најголемиот дел од случаите не е наследен т.е. не се пренесува во семејството. Затоа, генетското тестирање нема да биде од корист за многу луѓе. Со цел да се утврдат оние лица кои можат да имаат корист од подложувањето на генетско тестирање за рак, здравствените работници треба да бидат свесни за одредени аспекти на личната и семејната историја на рак на поединецот. Кога пациент ќе се сретне со советник за генeтски испитувања, советникот ќе постави прашања во врска со неговата лична како и семејна историја на рак. Советникот исто така ќе нацрта детално семејно стебло, а потоа ќе го испита семејното стебло со цел да одреди дали постојат одредени докази кои би довеле до заклучокот дека ракот можеби е наследен. Доказите кои може да се најдат во едно семејно стебло се набројани во продолжение, при што како пример е земен рак на дојка.
• Повеќе роднини во повеќе од една генерација со исти или пак поврзани типови на рак. На пример, баба, мајка и ќерка со рак на дојка, или пак роднини со рак и на градите и на јајниците.
• Рак кој се јавува во семејство на помала возраст отколку што типично се јавува кај останатата популација. На пример, ракот на дојката обично се јавува кај жените како што стареат, најчесто во нивните 60-ти до 70-ти. Меѓутоа, во семејства кои можат да имаат промена во генот која доведува до зголемување на ризикот за развој на рак на дојка, болест може да се јави кај жени на многу помала возраст.
• Рак што се јавува во парни органи. На пример, рак на дојка кој се јавува и на двете гради кај жената. Ова исто така се нарекува билатерален рак на дојка.
• Развој на повеќе од еден вид поврзани облици на рак кај истото лице во рамките на семејството. На пример, женска роднина со дијагностциран рак и на дојка и на јајниците на помала возраст.
• Специфична етничка припадност. Мутациите на одредени гени кои ја дефинираат подложноста на рак може да имаат поголема веројатност да се јават кај индивидуи кои припаѓаат на одредена етничка група. Поради ова многу е битно комплетното семејно дрво да ги вклучува и земјите каде роднините на личноста живеат или првично живееле.

Доколку советникот за генетски испитувања или друг давател на здравствени услуги забележи една или повеќе од горенаведените карактеристики во семејно стебло на поединецот, тој може да разговара со пациентот за можноста за генетско тестирање. Во случај на генетско тестирање за рак, тоа се нуди на пациентот само доколку постојат опции на располагање да се набљудува одреден вид на рак и да се открие рано или пак можеби да се спречи воопшто да се појави.

Процес на генетско тестирање

Процесот на генетско тестирање за гени кои можат да го зголемат ризикот за рак е различен од другите медицински тестови. Гените кои се вклучени во ракот се нарекуваат гени подложни на рак (гени кои ја дефинираат подложноста на рак). Доколку се идентификува мутација кај некој од овие гени, тоа не значи дека личноста има рак, туку дека постои зголемен ризик во иднина да се појави рак. Дополнително, доколку лицето кое се подложува на генетски тестирања веќе има рак, овие тестови може да покажат дали постои зголемен ризик кај него повторно да се појави рак. Меѓутоа, ризикот за развој на рак не е 100%. Веројатноста дека кај некоја личност ќе се развие рак доколку истата носи променет ген е наречена пенетрација (или пенетрантност). Пенетрацијата може да се разликува дури и кај роднини во едно исто семејство, а причините за тоа се уште не се добро разбрани. На пример, мајка со мутација на гените подложни на рак можеби никогаш нема да развие рак, но може да го пренесе мутираниот ген на својата ќерка, на која можеби ќе се случи да и биде дијагностициран рак на помала возраст. За семејство во кое претходно не е дефинирана наследна мутација најдобро е да се започне генетското тестирање со земање примероци од крв од лице кое имало рак на рана возраст. Од оваа крв научниците ќе бидат во можност да извадат примерок од ДНК. Потоа постојат голем број на начини на кои тие може да ја погледнат ДНК за да утврдат дали е присутна мутација. Најчесто користениот метод е познат како секвенционирање, при што хемиската секвенца на ДНК на пациентот се споредува со ДНК за која се знае дека е нормална. Научниците ќе бараат какви било разлики, како на пример делови од ДНК кои недостасуваат или пак се вишок во генот на пациентот. Тестирање може да биде многу скапо и може да потрае неколку недели или месеци со цел да се добијат резултати.

Категории на резултати

Позитивен резултат од генетското тестирање укажува на присуството на генетска мутација за која се знае дека е поврзана со зголемен ризик за развој на рак. Откако ваков вид на мутација ќе се пронајде кај одредено лице, можно е да се тестираат роднините на тоа лице - како на пример децата, со цел да се открие присуството или отсуството на истата таа мутација. Ова тестирање може да се направи во релативно пократок временски период и дава резултати кои се јасно позитивни или негативни за одредена мутација.

Доколку некој роднина во семејството се тестира за мутација на гените подложни на рак која претходно била идентификувана - и истата не се пронајде, овој тип на тест резултати се нарекува вистински негативен. Ова значи дека лицето не ја наследило мутацијата на гените која е причината што кај останатите (еден или повеќе) неговите роднини се развил рак. Доколку некое лице добие вистински негативен резултат, ризикот кај него да се развие рак се смета дека е сведен на исто ниво на било кој друг човек од општата популација. Исто така, бидејќи тие не ја наследиле мутацијата, тие не можат да ја проследат понатаму на нивните поколенија. Терминот “вистински негативен” се користи за да се разликува овој тест резултат од негативен или неодреден резултат, што се опишува во продолжение.

Ако кај првата тестирана личност од едно семејство не се пронајде промена во генот подложен на рак, овој резултат е негативен. Сепак, овој резултат често се нарекува неопределен. Тоа е затоа што еден негативен тест резултат не може целосно да ја отфрли можноста да постои наследен рак кај останатите членови од семејството. Толкувањето на овој вид резултати може да биде многу комплексна. На пример, негативниот резултат може да значи дека методот користен за да се открие мутацијата можеби не е доволно чувствителен за да ги открие сите мутации на генот, или можеби дека мутацијата е во дел од генот кој е тежок за анализа. Исто така тоа може да значи дека личноста има мутација на некој друг ген подложен на рак кој сеуште не е откриен или пак е исклучително редок. Конечно, негативниот резултат може да значи дека тестираната личност нема никаков зголемен ризик за развој на рак само поради мутација на еден единствен ген подложен на рак.

Понекогаш се идентификуваат мутации во гените поврзани со ракот и научниците не знаат што тие значат. Тие не знаат дали овие мутации на некаков начин делуваат на функционирањето на гените - а со тоа и дали го зголемуваат ризикот за појава на рак кај личноста, или пак се само нормални промени на ДНК кои само прават генот на едно лице малку да се разликува од оној на друго. Кога ќе се случи ова, советникот за генетско тестирање може да соработува со лабораторијата со цел да се одреди дали може да се направат идни истражувања со цел да се најде значењето на тест резултатите на пациентот. Во принцип, советникот за генетско тестирање ќе му помогне на пациентот да го разбере значењето на неговите тест резултати, без разлика дали се позитивни, негативни или неопределени.

Предности и ограничувања на процесот на генетско тестирање на гени подложни на рак

Постојат потенцијални придобивки за пациентите кои се подложени на генетско тестирање, но исто така можни се и одредени ограничувања и ризици поврзани со добиените информациите. Советникот за генетско тестирање детално ќе поразговара за овие прашања со пациентот. Пред да се подложи на генетско тестирање, пациентот е должен да потпише формулар за согласност. Ова е пишан документ кој укажува на тоа дека пациентот ги разбира придобивките и ризиците од генетското тестирање, и дека направил независна одлука да се подложи на тестирањето. Процесот на информирана согласност е многу важен дел од генетското советување и тестирање. Со исклучок на ФАП (фамилијарна аденоматозна полипоза), каде полипите а последователно и ракот на дебелото црево можат да се случат и на рана возраст т.е. во адолесцентноста, други видови рак поврзани со поседувањето на изменет облик на генот кој ја дефинира подложноста на рак на дојка или рак на дебелото црево типично не се појавуваат на рана возраст. Поради тоа, генетското тестирање за мутации на овие гени вообичаено се нуди само на мажи и жени кои се на возраст од 18 години и повеќе. Дополнително, лицата на возраст над 18 години се правно т.е. законски способни да обезбедат информирана согласност.

Предности на учеството во генетско тестирање за промени во гените кои ја дефинираат подложноста на рак:
• Резултатите од генетското тестирање може да обезбедат дополнителни информации во врска со зголемениот ризик за развој на рак во иднина. Исто така може да обезбедат ослободување од загриженоста ако човек дознае дека не носи променет ген.
• Ако за некого се утврди дека постои зголемен ризик за развој на рак, личноста може да избере нејзината состојба да се следи од порана возраст и почесто отколку личност која нема промени во гените кои ја дефинираат подложноста на рак. Резултатите исто така може да им помогнат на мажите и жените да одлучат за профилактичка (превентивна) хирургија.
• Тестирање може да обезбеди информации во врска со ризикот за развој на рак кај децата, браќата / сестрите и другите блиски роднини.
• Генетското тестирање може да им помогне на лицата да разберат зошто кај нив и/или кај нивните членови на семејството се развива рак. Ова може да ослободи личност од емоционалниот товар поврзан со нивното дијагностицирање на рак.

Ограничувања и ризиците на учесниците во генетско тестирање на гените кои ја дефинираат подложноста на рак:
• Можно е резултатите од генетското тестирање да бидат тешки за толкување. Дури и ако пациентот добие позитивен тест резултат, тоа не значи дека тој / таа дефинитивно ќе добие рак.
• Во текот на процесот на генетско тестирање, една личност може да дознае информации за себе или за други членови на семејството. На пример, може да се јави случај кога дете е посвоено или пак кога ќе се покаже дека одредена личност не е биолошки татко на дете. Ваков вид на информации може да предизвикаат непријатни ситуации и затегнати односи во семејството.
• Некои пациенти можат да станат тажни, лути или вознемирени ако дознаат дека имаат мутација на генот кој ја дефинира подложноста на рак. Во случај кога ваквите чувства се многу интензивни, од корист може да биде психолошко советување.
• Резултатите од генетското тестирање може да стават одредена личност во позиција да биде под ризик за дискриминација од страна на осигурителните компании (во поглед на здравствено / животно осигурување) или пак од страна на работодавците. Постојат неколку закони кои обезбедуваат ограничена заштита на луѓето кои ќе се подложат на генетско тестирање. Завршувањето на “Проектот Човечки геном” (Human Genome Project), кој има за цел да ги мапира сите гени во човековото тело, ќе го зголеми бројот на генетски тестови кои се на располагање. Затоа, потребно е да се донесат дополнителни закони кои ќе ги заштитат луѓето кои ќе подлегнат на генетско тестирање од било каков вид на дискриминација.


 
  Автор: Др.Дарко Стојановски-медицински советник во ХЕМА

Категории

Пребарување

Најнови вести

Тагови

Популарни вести

Архива на вести